Press "Enter" to skip to content

Тајната вечера: Како МПЦ со партиска поддршка собра 2 милиона евра за црквата на улица „Македонија“

31.03.2020

ИРЛ Македонија за прв пат ги открива сите 440 донатори, меѓу кои најголемиот е ЕВН, со 500,000 евра. Организацијата била партиска, а висината на донациите се „сугерирала“.

Истражувачката репортерска лаборатија открива дека државни институции и бизнисмени чии фирми добро профитираа од државните тендери од „Скопје 2014“ се најголемите донатори за фондацијата на Македонската православна црква за да ја изгради црквата Св. Константин и Елена“ на улицата Македонија.

Проектот беше онолку религиозен колку што беше и политички. А парите се собрале на три приватни донаторски вечери во еден скопски хотел каде што присуствувале политичари, бизнисмени и врвот на МПЦ.

„Свети Цар Константин и Елена“ на улица „Македонија“ во центарот на Скопје влезе во седмата година од изградбата. Почна во 2012 година и требаше да биде готова за три години, но локацијата се уште е оградена со тараби. Дозволата за градба беше издадена на 9 ноември 2012 година, а почна да се гради два дена подоцна.  Првата лопата ја фрли поранешниот премиер Никола Груевски, кој заедно со поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан  го означија почетокот на овој, како што го нарекуваа, „велелепен“ духовен храм.

црквата Свети Константин и Елена (7 декември 2018)

Црквата беше идеја што ја туркаше тогашниот премиер Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ. Уште пред да се издаде дозволата за градба беа задушени протестите на граѓаните кои сметаа дека не треба да се гради црквата, а кога се носеше ДУП-от во општина Центар и кога се вцрта маркицата беше проследено со насилства од лица организирани од ВМРО-ДПМНЕ. Во овој случај којшто го отвори Специјалното јавно обвинителство познат како „Шамари во Центар“ од раководството на партијата  обвинети се Никола Груевски, Миле Јанакиески и Даниела Рангелова и неколку советници од ВМРО-ДПМНЕ во општина Центар.

Шест месеци пред да биде издадена градежната дозвола, во мај 2012 година, МПЦ формира фондација „Свети Цар Константин“ која се јавува како инвеститор на градбата. Фондацијата е регистрирана на адресата на синодот на МПЦ со основачки влог од 65.000 евра. Црквата истата година вложува 1 милион евра на сметката, а останатите пари почуваат да се собираат со донации. Беа организирани три донаторски конференции. Првата во декември 2012, потоа пролетта 2013 и последната во декември 2014 година.

Од годишните сметки на фондацијата Свети Цар Константин доставени до Централниот регистар на РМ може да се види дека во 2012 година единствени приходи се милион евра кои како донација ги уплатила МПЦ. Во 2013 година фондацијата има приходи од 1.650.000 евра, во 2014 – 700.000 евра приходи. Како што опаѓа моќта на ВМРО-ДПМНЕ, така се намалуваат и донациите. Во 2015 година нема донаторски конференции и се собрани 280.000 евра приходи. Во 2016 година се пријавени 28.000 евра, а во 2017 година само 160 евра.

Поранешниот премиер Груевски на една од донаторските конференции

ИРЛ од Министерството за правда го побара списокот на донатори. Во оваа институција секој донатор има обврска да ја пријави донацијата, за да добијат потврда дека се работи за јавен интерес. На листата која што ја добивме има 440 донатори.

Партиска операција, црковна инфраструктура: Се делеле и налози со точни суми за донација

Вкупно се донирани 2.044.357 евра.  Од нив 258 се од приватни фирми, шест донатори се државни институции и 176 се физички лица. Најголем донатор е ЕВН Македонија со половина милион евра. Од оваа компанија за ИРЛ одговорија дека многу често донираат за верските заедници и ова не е прва донација.

„Конкретно во однос на верските заедници, компанијата поддршката ја демонстрира преку разни форми на соработки како парични донации, донации во форма на основни прехранбени и продукти за хигиена, мебел и опрема, но и креирање на поволности за олеснување на плаќањето на долговите за потрошена електрична енергија. Со учество во донаторски конференции е поддржана изградбата на црквата Св. Константин и Елена во центарот на Скопје“, велат од ЕВН.

Донаторските конференции се организираа во хотелот „Александар Палас“. Според сведоштво на еден од бизнисмените, во организацијата помагале Стопанските комори, а целата „донаторска“ операција била водена од поранешните функционери на ВМРО-ДПМНЕ Миле Јанакиески и Кирил Божиновски. На донаторските вечери на масата пред секој гостин бил поставен готов договор за донација, во кој бизнисменот требал само да ја впише сумата. Дознаваме и дека дел од бизнисмените добивале налог и точно колкава сума да донираат, но и да лобираат кај други бизнисмени да се запишат на списокот донатори.

Државни институции кои донирале се: АД МЕПСО 66.000 евра, потоа ЈП Јасен со 3.200 евра, Комисијата за односи со верски заедници и религиозни групи – 2.800 евра, Совет за унапредување и надзор на ревизијата – 600 евра, Институт за земјоделско инженерство и инженерска сеизмологија 500 евра и државната агенција МИА донирала 100 евра.

Од државната МЕПСО велат дека учествувале на две донаторски конференции за изградба на црквата.

„Што се однесува на изградбата на храмот „Свети Константин и Елена“ МЕПСО во два наврати во 2013 и во 2015 година донирани се вкупно 4,08 милиони денари. Сите донации се одобрени од Министерството за правда и се донесени со одлуки на Управниот одбор на МЕПСО. Во период од 2013 година до сега МЕПСО на МПЦ и на ИВЗ двете најголеми верски заедници во Република Македонија донирал 17,23 милиони денари“, велат за ИРЛ од МЕПСО.

Донатори се стотина приватни фирми, најголемите градежни фирми, осигурителни компании, адвокати и извршители. На листата се сите оние градежни компании и фирми поврзани со моќници и бизнисмени кои за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ добиваа милионски тендери од државниот буџет.

Градителите на Скопје 2014 на листата донатори: Гранит еден од подарежливите

Најголем донатор од градежниците е градежната компанија „Гранит“ која шти дала 244.000 евра донација. „Трансмет“ на бизнисменот Сеад Кочан издвоила 128.500 евра. Компанијата “Бетон“ на Минчо Јорданов, која што воедно и ја гради црквата, уплатила 95.000 евра. Познатата фирма „Бауер БГ“ која изгради десетици згради од проектот Скопје 2014 донирала 85.000 евра. „Жикол“ донирал 37.700 евра. Сега притворениот бизнисмен Орце Камчев, дал повеќе донации од различни фирми во кои што во тоа време компании кои се дел од холдингот „Орка“ во негова сопственост: млекарницата „Здравје Радово“, „Жито полог“ Тетово, болницата „Аџибаден Систина“, Земојделскиот комбинат „Пелагонија“ – Битола, „Орка холдинг,“, Градежното претпријатије „Бетон“ – Штип, сите зеадно со вкупно 58.000 евра.

Во 2015 година немаше донаторска конференција. Тоа е годината кога „пукаа“ бомбите на СДСМ и кога се потпишуваше Пржинскиот договор. Сепак, на сметката на фондацијата легнале 280.000 евра од донации. Донациите се слевале исто како по тертипот на финансирање на ВМРО-ДПМНЕ. Па така, во само два дена пристигнале 182 донации. На 21 октомври 2015 се вкупно 73, а следниот ден 107 донации.

„Во одреден период пристигнале поголем број барања за потврдување на јавниот интерес, а по добиените мислења од Комисијата за односи со верските заедници-беа изготвени 182 решенија“, велат за ИРЛ од Министерството за правда.

Меѓу донаторите од оваа група се и лица кои важеа за блиски во круговите на братучедите Никола Груевски и Сашо Мијалков. Компанијата „Пелистерка“ на Цветин Панделески кој што во моментов е во притвор за случајот „Империја“, донирала 10.000 евра. Компанијата„Дивелоп груп“ во тоа време во сопственост на бизнисменот Александар Ивановски којшто едно време беше и ортак во хотелот „Мериот“ со Мијалков, дал исто толку пари.  „Тинекс“ на Владимир Тодоровиќ се истакнал со 35.700 евра, а сега пропадната „Фени индустри“ дала 59.000 евра за изградба на црквата.

Банки, адвокати, извршители дел од донаторите

Дарежливи биле и банките. Најмногу пари донирала Стопанска банка Скопје 58.500 евра.Прв на листата адвокати – донатори е Никола Додевски со 1.000 евра. Тој беше адвокатот кој го следеше Никола Груевски на сите судски процеси, се додека неговото име не се појави како сведок во случајот Талир на СЈО за нелегалното финансирање на ВМРО-ДПМНЕ. Серјожа Марков, адвокатот чија адвокатска канцеларија ги регистрираше сите офшор фирми поврзани со функционери и бизнисмени блиски до претходната власт, донирал 800 евра. На списокот којшто ИРЛ го доби користејќи се со правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, има и имиња на извршители:  Даница Страчкова, Гордан Станковиќ и Магдалена Симовска – Давидовиќ.

Најмалку, или, само 1 процент од вкупните донации доаѓаат од црковните лица. Единствен којшто донира е Митрополитот Агатангел и издвоил 2.000 евра.

Донатори се и лица од врвот на ВМРО-ДППМНЕ. Груевски бил најдарежлив и пријавил донации во вкупен износ од 3.000 евра. Поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски издвоил 1.000 евра. Исто толку дала и скулпторката и авторка на „Воинот на коњ“, Валентина Стефановска. Донатори се и поранешните министри Спиро Ристовски, Миле Јанакиески, Кирил Божиновски, Билјана Бришкоска Бошковска и нејзиниот сопруг Дејан Бошковски, како и поранешниот ректор Велимир Стојковски.

Вкупната сума која МПЦ ја донирала е 2 милиони евра, а заедно со донациите на приватните фирми и физичките лица тоа се околу 4 милиони евра. Црквата сеуште се гради.

За споредба црквата Света Богородица чиј ктитор беше бизнисменот Трифун Костовски го чинела 2,3 милиони евра. Тој не донирал ниту денар на сметката на МПЦ, туку сам наоѓал изведувачи, уметници за фреските и зоографи и кога била готова црквата и’ ја подарил на МПЦ.

ИРЛ неодамна објави и како се гради руската црква во скопската населба Аеродром, чиј ктитор е бизнисменот Сергеј Самсоненко. На сметката на МПЦ тој уплатил донација од 1.8 милиони евра.

Графика: Елена Митревска Цуцковска