Press "Enter" to skip to content

Трница хилс: Помошник министер, пратеничка и актери – соседи во дива населба на државна земја

04.09.2022

ИРЛ откри дека во последната деценија на територијата на Националниот парк „Маврово“ е изградена цела дива населба веднаш над комплексот „Кораб Трница“. Дел од вилите се изградени и се веќе легализирани, додека други се градат во моментов. Сите се наоѓаат на државно земјиште, на заштитена територија. Меѓу оние кои изградиле или купиле вили на државен имот се помошник министерот во МВР Маријан Здравковски, пратеничката од ЛДП Моника Зајкова и актерите Игор Ангелов, познат по серијата „Преспав“, како и актерката од Драмски театар Маја Вељковиќ. 

Неофицијално, и институциите и околните жители споменуваат имиња на високи функционери од партиските подмладоци на повеќе партии кои биле коавтори на новата визија на Трница замислена на државен имот, а во пресрет на новиот закон за легализација на дивоградби.

Известуваат: Дајана Лазаревска, Јана Чолаковска; редактура: Миранда Спивак; Илустрација: Лука Блажев

Околу брегот на Мавровското Езеро речиси не остана празна парцела за градење. Во текот на изминатите две децении во Националниот парк „Маврово“ никнаа луксузни викендички, згради и хотели кои ги загрозуваат природните богатства. Во обид да најде слободна земја за да гради, политичката и бизнис-елита го „окупира“ селото Трница. Сега селото е претворено во елитно викенд-одморалиште преполно со луксузни вили изградени на државно земјиште. Општина Маврово и Ростуше не презема чекори за санкционирање на узурпаторите и уривање на овие дивоградби правдајќи се дека ниту една фирма не се нафаќа да ги урне. 

Трница, Општина Маврово и Ростуше, 20 мај 2021 година

Градежна механизација се упатува кон селото Трница во Националниот парк „Маврово“. Ангажирана е да пробие пат долг околу 100-ина метри низ шумски предел. Се сечат стотици дрвја со цел да се расчисти и да се подготви теренот за градба. 

По анонимната дојава до локалната власт дека сечењето на шумата е незаконско, Општина Маврово и Ростуше на терен го праќа својот единствен градежен инспектор Ќирко Џуковски. Џуковски открива дека заедно со бесправно исечените дрвја и новиот пробиен пат во близина се изградени и четири нови куќи.

Село Трница фотографирано од дрон. Сите куќи се диво изградени на државно земјиште. Денеска дел од нив се легализирани, а дел и натаму се градат/Фото: ИРЛ

Џуковски прави записник на 20 мај 2021 година за она што го затекнал при надзорот на терен. Констатира дека изградените куќи се дивоградби и изготвува решенија за уривање. Но, бидејќи Општината не е надлежна за сечата на шума во Националниот парк, случајот го пријавува до органите чија должност е да го заштитат и менаџираат паркот, Јавната установа Национален парк „Маврово“ и до Државниот инспекторат за шумарство и ловство.

 „Општина Маврово и Ростуше не можеше да спроведе постапка за бесправна сеча на шума бидејќи нема инспектори од таа област, затоа и нашата пријава беше упатена до нив, за да се заштити шумата и да се спречи можна идна градба“, одговори градежниот инспектор Џуковски. 

8 јуни 2021 година

Откако Џуковски ги известува државните органи, двајца инспектори од Инспекторатот за шумарство и ловство, заедно со директорот на Националниот парк „Маврово“, Самир Ајдини и уште еден вработен, вршат вонреден инспекциски надзор во Трница. Во нивниот извештај тие наведуваат дека затекнале незаконски активности, сечење на шумата и дивоградби на државно земјиште.

Во записникот не се идентификуваат нарачателите. Нема официјални информации ниту за фирмата што ја уништила шумата. Само даваат наредба земјиштето да се врати во првобитната состојба.

Соголената локација која била подготвена за градба. Името на младиот висок функционер кој според кажувања на жителите намерил да гради останува енигма, а тој веќе уништил стотици дрвја за да изгради викенд-куќа во срцето на Националниот Парк./Фото:ИРЛ

Според жителите со кои разговараше ИРЛ и кои сакаа да останат анонимни, при инспекцискиот надзор на теренот биле затекнати високи владини функционери. Нивниот идентитет, сепак, изостанува од официјалните документи на институциите.

Инспекторатот за шумарство и ловство ја крие фирмата што нелегално пробивала пат 

Институциите одбиваат да ја откријат компанијата што ја уништи шумата, а образложението, и покрај фактот дека има записник и одлука, е дека со таа информација медиумите ќе ја нарушеле пресумпцијата на невиност на фирмата ангажирана за пробивање на патот. Загрижени биле и за личните податоци на фирмата, иако тие се јавни и институции како УЈП овие податоци ги прикажуваат на својата веб-страница во засебна база за македонските компании. 

„Бидејќи сме обврзани на заштита на личните податоци, пресумпција на невиност и во моментот на инспекцискиот надзорот не сте биле субјект на надзорот, односно не сте биле странка во постапката, не можеме да Ви ги доставиме“, одговорија за ИРЛ од Инспекторатот за шумарство и ловство. 

2 јуни 2022 година

По една година од расчистувањето на патот, новинарска екипа од ИРЛ пристигнува во Маврово на средби со општинската администрација и претставници од Националниот парк „Маврово“. Тема на службените разговори е истражувањето што ИРЛ го прави неколку месеци за репрогласување на Маврово за национален парк и масовната урбанизација во оваа општина. 

Патот низ Маврови Анови до Трница поминува низ висока шума, пејзаж сосема поинаков од околните куќи и хотели на поразвиеното крајбрежје на езерото. Нема сообраќаен метеж, ѓубре на улиците или музика што одекнува од рестораните. На влезот во Трница се наоѓа хотелскиот комплекс „Кораб Трница“ и фабриката за сирење и кашкавал. Фабриката работи од 1974 година, а во 2015 година е реновирана.

Во Трница, веднаш до комплексот, а во внатрешноста на Националниот парк, никната е нелегална населба со најмалку 20 објекти на државно земјиште – дел од нив се веќе легализирани, а дел се уште во градба. На една од викендичките се доградуваше втор кат. Работниците што работеа не беа ниту збунети ниту, пак, се исплашија кога новинарите го фотографираа градилиштето. 

При првата посета на екипата на ИРЛ во април годинава куќата се уште се градеше. На крајот на јуни кога е направена оваа фотографија вилата веќе беше фасадирана. Фото: ИРЛ

Местото каде што лани беа исечени стотици дрвја за да се пробие патот низ шумата не е вратено во првобитна состојба и покрај наредбата од Државниот инспекторат за шумарство и ловство. Не се насадени нови дрвја, земјиштето на кое засега непознати лица планирале да градат е соголено и сè уште стојат избледените траги од неговото околчување. 

Самир Ајдини, директорот на Националниот парк „Маврово“, вели дека го почнале процесот за враќањето во првобитна состојба на уништената шума и посеале семе на патот што насилно бил пробиван. 

Општинскиот инспектор Ќирко Џуковски го гледа повторното засадување семиња како успешен институционален епилог. Потребни ќе бидат повеќе децении за да израсне истата густа шума срозена од багерите на оние што фрлиле око на државната земја на територијата со национални богатства. 

„Сметам дека ова е пример за една успешна интервенција и соработка помеѓу институции и да не бараме понатаму што би било кога би било, т.е. кој би градел да не се спречеше овој настан“, вели Џуковски.

Сателитски Google Earth снимки над Трница направени во јуни 2009 и август 2021 година / Извор: Google Earth

Таткото на пратеничката Моника Зајкова легализирал дивоградба во Трница

Пред да заминеме за Трница, името Моника Зајкова го споменаа неколкумина мавровчани. Според кажувањата на соседите, таа често во текот на годината се одмора во Трница во својата викенд-куќа. 

„Таму има куќа и пратеничката Зајкова. Само не е на нејзино име“, ни напомена жител на Маврово кој побара да биде анонимен.

Моника Зајкова вилата во Трница ја навела во Анкетниот лист во Антикорупциската комисија кога првпат станува пратеничка во македонското Собрание во 2020 година. Ја пријавила како имот на родители стекнат во 2018 година. Објектот е запишан во Катастарот на име на нејзиниот татко Бранко Зајков. 

На истата парцела каде што се наоѓа вилата на Зајкови има уште еден објект кој е во сопственост на Марјан Здравковски, помошник-министер во Одделот за информатика и телекомуникации при МВР, сопартиец на Зајкова од редовите на ЛДП. ИРЛ се обиде повеќепати да го исконтактира Здравковски, но безуспешно. 

Соседите во Трница се од мешан состав. Пратеничка од ЛПД, екс министер од ВМРО-ДПМНЕ, помошник министер во МВР, актери./Фото: ИРЛ

Фикрет Ибраими, портпаролот на Општината, потврди дека лицата М.З. и Б.З. поднеле барање за легализација и доставиле документи дека објектите се изградени пред 3 март 2011 година. Двете семејства го искористиле законот за легализација на дивоградби со кој сите објекти изградени до 2011 година, но не и подоцна, ќе можат во едноставна постапка да се легализираат за едно евро по квадратен метар. 

„Станува збор за објект кој моите родители во фаза на карабина го изградиле во 2010 година. Постапката за легализација на објектот е спроведена согласно Законот за постапување со бесправно изградени објекти, според услови што важеле за сите објекти изградени на целата територија на државата. За земјиштето не е поведена постапка за приватизација. Сите давачки и комуналии се уплатени врз основа на проценка на Општината“, одговори Зајкова на прашањата што ѝ ги постави ИРЛ за викендичката во Трница.

Но, временската рамка што ја изложи Зајкова не се вклопува со фактичката теренска состојба ако се погледнат сателитските снимки на „Гугл мапс“. Во 2011 г. куќите на Зајкова и Здравковски не постојат. Објектите првпат се појавуваат дури по 2014 година. Но, како што потврди и локалната власт, тие имале архивски број заверен во Општината со барање за легализација од 2011 година, кога според мапите куќи не постојат.

Сателитска снимка од Гугл на локацијата каде семејствата на Моника Зајкова и Марјан Здравковски имаат викендици. Првата е од 2014 година кога нема никакви објекти, а во 2017 година куќите се изградени.

На прашањето на репортерите на ИРЛ зошто семејството се одлучило да гради викендичка на државно земјиште без потребните дозволи, таа нè упати кај татко ѝ. Ни кажа дека локацијата е одбрана затоа што семејството имало и потекло од тој крај, односно од селото Лазарополе кое се наоѓа на околу 50 километри од Трница. 

Моника Зајкова е предводник на младите прогресивни политички сили во земјава. Ја добива довербата од својата партија ЛДП и станува претседател на младите либерал-демократи. На 28 години е именувана на првата функција. На предлог на Владата е избрана за член на Надзорниот одбор на Државна лотарија на Македонија и ја добива привилегијата да ја надгледува работата на најпрофитабилната државна компанија. По парламентарните избори во 2020 година, станува пратеничка во Собранието. 

Во ноември 2020 година, по иницијатива на невладината организација „О2“, се формира Интерпартиска парламентарна група од 39 пратеници за заштита на природата, борба против загадувањето и климатските промени. Моника Зајкова станува координаторка на оваа пратеничката група.

Зајкова како пратеничка јавно се спротивстави на донесувањето на новиот закон за легализација на дивоградби од 2021 година, поднесен од министерот за транспорт и врски Благој Бочварски. Заедно со уште тројца свои сопартијци, таа испрати барање до претседателот Стево Пендаровски да не го потпишува законот наведувајќи во дописот дека градењето дивоградби претставува кривично дело.

„Дали ние како држава треба да стимулираме криминал преку дозволување на вакво незаконско градење и да ги ставиме во подредена и дискриминирачка позиција сите одговорни граѓани на оваа држава кои за да градат ги поминале сите предвидени постапки од ДУП за прибабување одобрение за градба за кои неспорно е дека бараат многу време и финансиски средства?“, пишува во дописот до претседателот Пендаровски кој не го потпиша законот.

Допис до Претседателот Пендаровски од пратеничката група на ЛДП. Моника Зајкова и нејзините сопратијци од него бараат да не го потпишува „криминалниот“ закон за легализација на дивоградби./ Извор: веб страна на ЛДП

Тивкиот полицаец 

Новинарите на ИРЛ повеќе месеци се обидуваат да стапат во контакт со помошник-министерот за информатика и телекомуникации Марјан Здравковски. Непосредно пред објавата преку СМС му беа повторно испратени прашања – без одговор. 

Здравковски има работено на повеќе високи позиции во МВР, а бил вработен и во Управата за безбедност и контраразузнавање. Во 2017 година владата на Заев го именувала да биде дел од работната група за изготвување и следење на имплементацијата на планот на препораките од Прибе во врска со следењето на комуникациите од 2015 година. 

Кметот на Трница

Потрагата по другите сопственици на куќите во Трница ја почнавме од сателитските карти на „Гугл“. Стартувавме со снимката од 2003 година. Тогаш има само седум куќи. Во 2009 година доизградени се уште три и се вкупно десет куќи. 

Заедничко за сите е што се градат без одобрение, на државно земјиште. Можност за легализација добиваат само тие што се изградени пред 3 март 2011 година, кога е донесен законот за легализација. Но, градењето и натаму продолжува. Според сателитските снимки, во периодот од 2014 до 2017 година веќе има 16 викендички. А, само лани никнале уште шест нови куќи. 

Мавровчани раскажуваат дека првиот што го отворил патот за нелегално градење е Анѓелко Пејовски. Го нарекуваат кметот на Трница, зашто велат дека без негово знаење не може да се гради. Во документарниот филм на МТВ, „Трница е мојот сон“ од 1999 година, главен лик е токму Пејовски, кој раскажува како дошол до идејата за новата населба на патот Маврово-Дебар.

„Животот во околните села е тежок, нема струја во зимскиот период, нема асфалтен пат. Од овие причини и од овој тежок живот во мене се роди идејата да формирам една нова населба. Тоа е населбата Трница“ , вели Пејовски во докуметарецот снимен во 1999 година.

На име на семејството Пејовски во Агенцијата за катастар се запишани пет куќи. Од нив три се на сопствено земјиште, а две се изградени на државна земја. 

Анѓелко Пејовски по професија е геодет. Имал и своја геодетска фирма основана во 2006 година, а ја ликвидирал во 2019 година. 

На списокот на уривање се неколку дивоградби. Но, ниту една куќа во целата општина Маврово и Ростуше не е срушена. Овие два објекта се уште слободно се градат. Фото; ИРЛ

Министерот Јанакиески предложи закон со кој ја легализира викендичката на дедото

Меѓу првите куќи изградени во Трница е во сопственост на Жарко Дојчиновски. Но, сите во Маврово ја знаат како вилата на Миле Јанакиески, поранешниот министер за транспорт и врски во владата на Никола Груевски. Дојчиновски е татко на неговата сопруга. Куќата е изградена пред 2011 година и е опфатена со законот за легализација. Затоа во Катастарот објектот е впишан на Жарко Дојчиновски, а земјиштето не може да се приватизира затоа што нема урбанистички план. 

Јанакиески беше токму министерот кој го предложи законот за легализација на дивоградби. Се најавуваше како социјална мерка со која, пред сè, ќе се овозможи граѓаните да си ги легализираат своите домови.

„Целта на донесувањето на овој закон не беше луѓето да се казнуваат, туку да се разгледа социјалниот аспект на законот и на градењето на куќите“, изјави тогаш министерот Јанакиески при донесувањето законот во 2011 година.

Глумци со кратка меморија

Викенд-куќи во Трница имаат и двајца актери од Драмскиот театар – Игор Ангелов и Маја Вељковиќ-Пановска. Често знаат на социјалните мрежи и во лежерни интервјуа во медиумите да споделат фотографии и моменти од нивниот одмор на чист воздух во викендичките во Трница. 

„Летото ќе го поминам на планина во Трница. Таму одморам и таму сум често, таму се Бистра, Галичник и е прекрасно. Мислам дека кога ќе се пензионирам таму ќе си го најдам мирот“, изјави Игор Ангелов во јули 2018 година во интервју за „Магазин Бети“.

Според сателитските снимки на „Гугл“, викендичките се изградени пред 2009 година. Во телефонски разговор и двајцата тврдат дека објектите се легализирани и имаат имотен лист. На прашањето од нашите новинари од кого ги купиле куќите, двајцата актери идентично одговорија: „Не се сеќавам“.

До денот на објавување на оваа сторија, Ангелов и Пановска не одговорија на прашањата на ИРЛ што дополнително им беа доставени.

ИРЛ уште пред четири месеци од Општината ги побара документите за легализација на сите дивоградби во Трница. Но, локалната власт не ни ги достави.

Министерството за транспорт и врски не ги прифаќа сателитските снимки како доказ кога се изградени објектите

Стандардите според кои се определува кога објектите се изградени се лимитирани. Министерството за транспорт и врски не ги прифаќа сателитските снимки како релевантни докази според кои може точно да се утврди кога некој објект е изграден. При постапката за легализација се бара само изјава заверена на нотар во која сопствениците под кривична и морална одговорност тврдат дека куќите се изградени пред законскиот рок, односно 3 март 2011 година. 

Заедницата на единици на локална самоуправа (ЗЕЛС) и во минатото и сега барала од Министерството за транспорт и врски да вметне член во законот за легализација на дивоградби дека како доказ можат да се користат и сателитски снимки. 

 „ЗЕЛС во своите официјални барања и мислења до Министерството за транспорт и врски секогаш предлагаше да се вметне член дека како доказ за тоа кога е изграден објектот, односно дали е во рокови предвидени со закон, може да се користат и сателитски снимки. За жал, нашиот предлог не беше прифатен“, вели извршната директорка на ЗЕЛС, Душица Перишиќ.

Поранешни градоначалници имале обиди да поништат решенија за легализација или да одбијат барање за легализација бидејќи утврдиле дека објектот е многу понов од законскиот рок, но одлуките паѓале на Второстепена комисија во Министерството за транспорт и врски бидејќи „Гугл еарт“ го сметаат за недозволен инструмент.

Образложението што го добиле од Министерството е дека сателитските снимки може да покажат дали некој објект постоел во годините претходно или не, но не може да се утврдува неговата катност.

ИРЛ уште пред четири месеци од Општината ги побара документите за легализација на сите дивоградби во Трница. Но, локалната власт не ни ги достави. Фото: ИРЛ

Алергични на рушење: Во Националниот парк сите дивоградби се на број

Во 2011 година по првпат се донесе Закон за постапување со бесправно изградени објекти, односно закон за легализација на дивоградби. Со овој закон значително се поедностави постапката за легализација. За разлика од процедурата за добивање одобрение за градење, која предвидува обемна документација и позитивни мислења од различни органи, со законот за легализација најважно е да приложите геодетски елаборат за премер на димензиите на објектот и писмена изјава под кривична и морална одговорност дека објектот е изграден до 3 март 2011 година.

Градежниот инспектор од Општина Маврово и Ростуше смета дека оскудната документација потребна за легализација на објектите ги наведува сопствениците да градат куќи нелегално, а потоа да ги легализираат. За легализацијата на дивоградбите сопствениците на Општината ѝ плаќаат паричен надомест, односно едно евро по квадратен метар. 

„Поради овие факти, секој еден сопственик попрво се одлучува да го запише објектот во Катастар и да добие имотен лист со постапка за легализација наместо со одобрението за градење што го има“, велат од Општината.

Поради големиот интерес за легализирање дивоградби, рокот за поднесување барање за легализација беше неколкупати продолжен. 

Во Маврово и Ростуше има вкупно 42 населени места, од кои 37 се на територија на Националниот парк. Од донесувањето на законот за легализација на дивоградби до Општината пристигнале околу 5 000 барања за легализација од сите населени места.

Легализацијата одела во неколку бранови во кои најмногу барања биле поднесени во 2011 година, кога се донел законот, односно 3 775 барања, 816 во периодот од 2015 до 2016 година и 384 во 2018 година. 

Од овие 5 000 барања само 1 800 се завршени, односно се легализирале објектите, додека преостанатите се во постапка за легализација или се одбиени. Но оние барања за легализација на објекти што биле одбиени сè уште не се реализирани. 

Околу Мавровското Езеро има повеќе од 1 500 објекти, од кои повеќето се легално изградени. Според Законот за природа, за секоја градба мора да има согласност од Националниот парк, но ова во пракса речиси никогаш не се случува. 

Во 2021 година Општина Маврово и Ростуше издала четири решенија за уривање дивоградби во населбата Трница. Новинарите на ИРЛ ги побараа имињата на сопственици на нелегалните објекти, но од Општината одбија да го откријат нивниот идентитет. 

Досега во историјата на Општина Маврово и Ростуше нема срушено дивоградба, дури и по издавање на решенија за рушење. Во февруари годинава беше распишан тендер за уривање нелегални градби, но тој беше неуспешен бидејќи не се јави ниту една фирма. 

WordPress Lightbox Plugin