Press "Enter" to skip to content

Тинтраниот Кичеец на чекор до слобода

09.11.2021

Додека јавноста го чека исходот од сообраќајната несреќа којашто ја предизвика Зоран Милески Кичеец, тој веќе работи на тоа што поскоро да излезе на слобода. ИРЛ открива дека тој не бил во животно-загрозувачка здравствена состојба поради којашто му било дозволено 30 дена прекин на казната. Токму тогаш ќе ја предизвика несреќата во која еден ќе загине, а седум лица ќе бидат повредени. Кичеец веќе понудил спогодба и бара условна казна. Истовремено, кривичниот суд во петок ќе заседава за да одлучи дали затвореникот смее да излезе порано на слобода.

Известуваат: Маја Јовановска, Христина Беловска, Александра Денковска

Зоран Милески Кичеец вешто се снаоѓа во правосудниот систем. Неговата улога во случајот „Рекет” практично го погреба Специјалното јавно обвинителство. Доби најмала казна од три години. Уживаше привилегии во отворено одделение во струшкиот затвор благодарение на внукот на адвокатот Александар Новаковски, кој ќе му овозможи да ја промени адресата на живеење од Скопје во Охрид со тоа што ќе му даде договор за закуп на стан. Во затворот деновите ги минува како магационер во барот „Егоист” на крајбрежјето во Охрид. Додека ја издржува казната, во неговото досие ќе влезе уште едно кривично дело кое го прави додека е на дозволен прекин на казна поради наводно животно-загрозувачки здравствени проблеми. Ќе усмрти човек возејќи непрописно, а ќе повреди уште седум лица.

Аматерска фотографија направена на превојот Стража на денот на несреќата. Со него се возеле и двајца срспки државјани, Предраг Живановиќ и Миле Мароевиќ.

Токму кога работите ќе почнат да изгледаат комплицирани за Милески Кичеец, ИРЛ открива дека тој е пред прагот на конечната слобода. За сообраќајната несреќа надлежниот обвинител ја менува правната квалификација од евентуална умисла, со небрежност на делото со што добива шанса за помала казна. Утре ќе биде познато дали му е дозволена спогодба со условна казна за „Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот” од небрежност, додека во петок кривичниот совет ќе одлучува по неговото барање за порано излегување на слобода. Основот поради којшто бара условен отпуст е фактот што тој веќе издржал две третини од затворската казна. Единствената пречка на патот до слобода е исходот од новото кривично дело од сообраќајната несреќа, но по преквалификацијата на делото, се раѓа нова можност за пониска казна.

За време на ова известување новинарите се соочија со постојано избегнување од одговорните лица во институциите, различни верзии на различни институции за исти настани, а струшкиот директор даде неверодостојни информации во неколку наврати за тоа каде се наоѓа затвореникот.

Примерниот магационер 

04 септември, 2021 

Тоа попладне македонските медиуми ќе известат за тешка сообраќајна несреќа на патниот правец Кичево – Охрид. Гостиварецот Евзаљ Селими ќе загине на превојот Стража кога во него ќе удри возило „Мерцедес“ кое доаѓа од спротивната страна. Возачот на „Мерцедесот“ направил најмалку два прекршока: Возел со брзина над дозволената и претекнувал на полна линија.

Кога не успеал да го помине возилото „БМВ“ коешто сакал да го претекне на забрането место, тој ќе удри во автомобил кој доаѓа од спротивниот правец. Овие прекршоци ќе имаат смртоносни последици за триесет и четири годишниот Евзаљ Селими од Гостивар, оженет и татко на две малолетни деца.

По три дена гостиварското обвинителство ќе соопшти дека е отворена истрага за предизвикувањето сообраќајна несреќа со смртни последици. Иницијалите на осомниченото лице ќе изостанат од ова соопштение, но аматерските снимки од местото на несреќата кои ќе станат вирални ќе го покажат возачот на „Мерцедесот“ – Зоран Милески Кичеец, еден од најпопуларните жители на македонските затвори.

Тогаш јавноста ќе разбере дека Милески Кичеец наместо на издржување казна затвор заради улогата на посредник во случајот „Рекет”, веќе 25 дена е на слобода.

Истражувањето на ИРЛ појде од едноставно прашање: Во какви околности се добива прекин на затворската казна, особено кога станува збор за лица со моќ и влијание во политиката и бизнисот. Поводот ќе биде објава на Медиумската информативна агенција.

Попладнето на 4-ти септември МИА ќе пренесе информација од директорот на затворот во Струга, Ваљон Ќура, дека Милески бил пуштен на слобода за да се грижи за болната мајка. МИА ќе се повика на разговор со директорот на струшкиот затвор.

По само еден час, Управата за извршување санкции или институцијата која одлучува дали некој ќе добие прекин или не, соопштува дека Милески Кичеец добил прекин на казната од 30 дена поради лични здравствени причини.

„Директорот на затворот во Струга, Ваљон Ќуља, за МИА изјави дека осудениот Зоран Милески Кичеец, на негово барање, бил на прекин на казната од 11 август до 11 септември поради болест на неговата мајка“, пишува во информацијата објавена на МИА.

Во втората вест, еден час подоцна, МИА пренесува соопштение од Управата за извршување санкции во кое тврдат дека Милески бил на отпуштен поради здравствени причини.

„Со одлука на Управата за извршување санкции, лицето Зоран Милески користи 30 дневно отсуство од затвор поради неодложни лекарски прегледи. Определеното време за медицински испитувања е од 8-ми август до 8-ми септември“, се огласи Управата. 

На 13 септември во обид да дознаеме што навистина довело до одлука за прекин на казната и да ја утврдиме вистинската временска рамка, преку пребарување на јавно достапните списи, ИРЛ започна долга потрага по одговорите.

Вознемирено срце 

06 август, 2021

Тоа утро, како и секое работно утро, затвореникот Зоран Милески ќе излезе од затворот во Струга кадешто ја издржува тригодишната казна за да оди на работа во барот „Егоист” на крајбрежјето на охридското езеро.

„Милески Кичеец кај нас работеше како магационер за прием и контрола на роба”, ќе раскаже Димитар Џепаровски со нескриено задоволство од квалитетот на работата на Милески Кичеец. „Тој ја водеше првата смена”. 

Во еден момент, му се слошило и се упатил во Охридската болница за кардиоваскуларни заболувања „Свети Стефан”.

Според документите до коишто дојде ИРЛ, прегледот го направил познатиот кардиолог и поранешен градоначалник на Охрид, д-р Никола Бакрачески. Во разговор со Бакрачески дознаваме дека Милески Кичеец самиот го побарал „поради тоа што се познавале од претходно”. Се јавил на уште еден преглед поради тахикардија на 9-ти август, а според деловодната книга на струшкиот затвор, истиот ден ќе побара прекин на казната заради понатамошни испитувања.

10 август, 2021 

Директорот на струшкиот затвор ќе испрати документација до Управата за извршување на санкции, придружувана од писмо на затвореникот Милески Кичеец во коешто тој посочува дека се наоѓа во животно-загрозувачка состојба.

Писмото, заедно со медицинската документација којашто Милески Кичеец ја доставил до директорот на струшкиот затвор, се основот поради којшто Управата одлучува да му одобри прекин на казната од 30 дена.

Молбата на Зоран Милевски Кичеец испратена до Управата за извршување на санкции на 09 август 2021

„Во два наврати морав да одам на специјалистички преглед кај кардиолог, но истиот добив препорака итно и неодложно да бидам подложен на повеќе испитувања за да се најдат причините за болката и задолжително да одмарам и да немам стрес додека трае испитувањето”, пишува тој и завршува со констатација дека се наоѓа во животнозагрозувачка состојба. 

Управата не ни ја достави на увид медицинската документација поради заштита на личните податоци. Врз основа на писмото и документацијата, следниот ден на 11-ти август Зоран Милески-Кичеец ќе добие 30 дена на слобода.

„Медицинските наоди се потпишани од два субспецијалисти-кардиолози, но за нивните имиња не сме овластени да ги објавуваме и ќе мора да се обратите во Заводот”, се наведува во одговорот на Управата за извршување санкции.

Сепак, докторот Бакрачески којшто го примил Милески Кичеец, за ИРЛ вели дека тој не бил во животно- загрозувачка состојба.

„Што се однесува до мојот професионален став, јас сум дал терапија и сум рекол дека треба да се направат тие испитувања. Му дадов и приоритетен упат, но да беше толку страшно ќе го задржевме во болница”, вели Бакрачески. 

ИРЛ дојде до доверлива документација од прегледот на Милески Кичеец. Добил приоритетни упати со важност од една недела за да направи стрес тест, ЕКГ и холтер за ритам на срце и притисок. Според податоците до кои дојде ИРЛ од медицинската документација, затвореникот не се појавил на закажаните приоритетни прегледи. Од терапија добил аспирин, апчиња за притисок и половина доза од лек за покачен холестерол.

„Нас ни носат затвореници на операции и на секакви прегледи секојдневно. Си доаѓаат во придружба на полиција. Ова е далеку од секаква идеја за животно-загрозувачка состојба, имал тахикардии и повисок притисок”, вели кардиохирург од скопската клиника кој што сакаше да остане анонимен. 

Милески Кичеец за сите овие 25 дена бил фактички слободен човек и никој не следи дали тој прекинот го користи согласно причините поради кои што истиот е баран. Иако самиот пишува дека му е препорачано мирување и лежење, тој на 4-ти септември вози автомобил во друштво на двајца српски државјани.

„За време на прекинот осуденото лице е слободен граѓанин и не му се ограничени никакви права и не е во надлежност на Управата за извршување на санкции да го проверува осудениот“, изјавија од Управата за извршување на санкции.

По сообраќајната несреќа со смртни последици, обвинителството во Гостивар ќе поведе истрага барање за притвор и Милески Кичеец ќе биде веднаш пренесен во истражниот затвор во Шутка со цел да не влијае на сведоци додека трае истрагата. По три дена тој ќе биде повторно вратен назад на издржување во затвореното одделение во затворот во Струга, откако гостиварскиот суд ќе се произнесе позитивно на неговата жалба на притворот.

Додека јавноста го чека исходот од истрагата, Зоран Милески Кичеец веќе работи на тоа да излезе на слобода.

13 октомври, 2021 

Милески повторно пишува молба. Овојпат до кривичниот суд во Скопје од којшто бара да биде пуштен порано од затвор, бидејќи го одлежал законскиот минимум. Барањето за условен отпуст до кое дојде ИРЛ  го потпишува директорот на затворот Ваљон Ќура. Во истото, Ќура дава позитивно мислење и помеѓу другото Ќура наведува дека затвореникот не пројавува здравствени проблеми.

Главната причина која Милески ја наведува во молбата е дека мора да излезе од затвор за да може да се врати на работа како магационер во кафе барот „Егоист“ и да го издржува семејството. Пред да почне да ја издржува казната затвор Милески се развел од сопругата и сега неговите пет деца живеат со мајката на Милески која има здравствени проблеми и според барањето за условен отпуст не била во состојба да се грижи за децата.

Додека траеше судењето за случајот „Рекет” тој даде чеврт милион евра гаранција за да може да излезе од домашен притвор.

Затворската казна на Милески Кичеец истекува на 7-ми февруари 2023-та година информираат од Управата за извршување санкции.

Во барањето за условен отпуст до кое дојде ИРЛ, директорот на затворот во Струга дал позитивно мислење и навел дека „поведението на осуденикот во секој поглед е на потребно ниво“.

„Осудениот користи погодност отсуство надвор од установата, од каде навреме и во уредна состојба се враќа. Воспостави и гради добри другарски односи со одмерен однос кон секое осудено лице и важи за добар другар. Спрема службените лица има коректен и почитувачки однос. Не се пројавува со здравствени проблеми, кривичното дело го признава и се кае“, пишува во барањето за условен отпуст . 

Во молбата нема ни збор за сообраќајката која ја направи во време кога издржува затворска казна за случајот „Рекет“. Кусо е забележано само кривичното дело.

„Поведената нова кривична постапка е основ за регресирање во третманска група, но истото не претставува дисциплински престап бидејќи во тој период осудениот не е штитеник на затворскиот систем“, одговорија од Управата за извршување на санкции.

ИРЛ испрати три барања за интервју со осуденикот, но до објавување на овој текст истото не се реализира. Милески прифати да разговара со новинарите на ИРЛ, но при првото одобрено интервју во затворот, тој одби да биде интерјуиран со камери, по што Управата инсистираше да се праќаат нови барања. Во два наврата посетата и разговорот во струшкиот затвор не можеа до денеска да се реализираат поради постојаните пречки кои ги креираа институциите и така ја оневозможија средбата меѓу новинарите и затвореникот. При нашето последно барање тие ни одговараа „Не можеме да го најдеме, осуденикот денеска е во ОЈО Гостивар”.

Кривичниот суд ќе заседава во петок на 12 ноември за барањето за условен отпуст, односно за излегување на слобода порано. Совет од тројца судии ќе ја носи одлуката, а единствениот поканет е директорот на затворот во Струга. Единствениот поголем проблем на патот до слобода за Милевски Кичеец е истрагата на гостиварското обвинителство за  предизвикувањето сообраќајна незгода со смртни последици. Непосредно пред објавувањето на овој текст, ИРЛ дојде до нови информации кои укажуваат дека Милески Кичеец може да се избави од нова затворска казна.

И слобода и спогодба? 

Додека јавноста го чека исходот од истрагата за сообраќајната несреќа, во разговор со ИРЛ надлежниот обвинител Арсим Адеми рече дека Милески Кичеец поднел иницијатива за спогодба, признал вина и дал предлог да биде осуден условно, но не значи дека ќе му биде прифатен предлогот.

Милески за кобната сообраќајна несреќа која однесе и човечки живот, прво се сомничеше дека го сторил делото со евентуална умисла.  Се соочуваше со казна затвор од најмалку четири години. Но, во меѓувреме во обвинителството пристигнало вештачењето кое ја промени целата ситуација и обвинителот Адеми направи преквалификација. Сега Милески се води како осомничен за „Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот”, но со новите околности опаѓа тежината на кривичното дело кое му се става на товар и ќе одговара за небрежност, квалификација која предвидува помала затворска казна од една до пет години.

Обвинителот Адеми ја немаше донесено конечната одлука. “Утре ќе читате, ќе имаме соопштение”. ИРЛ го побара Адеми со цел да го лоцира Милески Кичеец за последен обид за интервју откако денеска повторно не беше во затворот.

За да утврдиме кога точно Кичеец излегол од затворот во Струга се јавивме кај директорот Ваљон Ќура, кој не беше информиран за неговото одење во обвинителството, тој имаше друга верзија за неговото излегување од затворот.

„Јас бев на состаноци не знам за обвинителство дека бил, вчера, денес излезе по лекари”, рече Ќура и го исклучи мобилниот телефон.

Комуникацијата на ИРЛ со институциите за Зоран Милески Кичеец се одвива два месеца. Колку повеќе се вкрстуваат податоците од триаголникот управа-затвор-обвинителство излегуваат различни верзии и нови детали за нешто за кое веќе сме барале одговор.

Управата за извршување на санкции конечно потвдри дека во обвинителство бил во минатиот петок. Денеска е носен со службено возило во државна болница во Охрид и за три часа е вратен назад, потврди директорот на Управата, Марјан Спасовски.

Вистинската моќ на Милески Кичеец

До неодамна Зоран Милески Кичеец беше познат само во одредени кругови со влијание и моќ. За новинарите стана популарен во времето на подемот на моќта на двоецот Мијалков-Камчев. Го нарекуваа „торбарот“ на Мијалков и „човекот“ на Камчев, но остана безбеден од експонирање во јавноста се до судењето за случајот “Рекет”. Во бизнисот влегува тивко со создавањето на авио компанија за чартер летови во 2006 година. Во скопските кругов станува популарен во 2012 година кога го отвара ресторанот „Арабеска“ во Скопје, но и тогаш остана во позадината на „првата линија“ на бизнис моќниците кои се создадоа во времето на Никола Груевски.

Зоран Милески не успеа да остане во „илегала“ кога доби улога на посредник во уривање на институцијата која требаше да ја врати правдата и владеењето на правото во државата. Не изусти ни збор во судницата, само призна дека е виновен и доби казна од три години затвор.

На судењето за случајот „Рекет“ беше претставен како бизнисмен, со чисто досие и никогаш неосудуван. Неговата улога на посредник е првото дело за кое се појави како обвинет во суд. Тој призна вина уште на првото рочиште и рече дека го сторил делото „Примање награда за противзаконито влијание“. Судот го осуди на казна затвор од три години, која за обвинителката Вилма Русковска беше доволна. 

 „Искрено, не очекував повисока казна затоа што е голем распонот на предвидената казна од 1 до 10 години. Казната е таква со оглед на тоа дека е неосудуван, а најмногу затоа што призна вина“, изјави Русковска на 4 декември 2019 година.

Ако во судницата остави впечаток на молчелив и мистериозен човек, десетиците тајно сниман и разговори и објавени анонимно на платформата Јутјуб ќе ни откријат еден сосема друг Кичеец. Снимките постојано се објавуваат на Јутјуб, а засега не е познат изворот. Но, она што е факт е дека Милески има пристап до највисоките кругови на власта и опозицијата, до најбогатите и најмоќните луѓе. Неизбежниот впечаток од снимките е дека станува збор за човек кој поседува исклучителни преговарачки способности, може да остане смирен во предизвикувачки ситуации и е упатен во клучните општествено-политички случувања и во бизнисот.

Во еден разговор со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, тој самиот себе си се опишува како „извршител”.

„Јас, претседателе, сум човек извршител. Таков сум, кога ќе ми дадете задача, јас ја завршувам“.

Со премиерот Зоран Заев досега нема снимка, но тој потврди дека со Милески се запознал во владата, кога дошол во улога на бизнис посредник.

„Еднаш имав службен состанок со Милески во просториите на Владата, заедно со инвеститор заинтересиран за рударство во нашата земја“, изјави Заев.

На списокот на снимени разговори со Зоран Милески како соговорници се појавуваат Бојан Јовановски (Боки 13), адвокатот Васил Димишков кој е брат на Весна Димишкова судијка од кривичниот суд во Скопје, контроверзниот бизнисмен Миодраг Давидовиќ Дака, братот на поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, Влатко Мијалков.

Последните снимки се објавени во јули годинава.  Пет снимки од УСБ-то кое Милески го предаде во обвинителството за гонење организиран криминал беа докази во судскиот процес „Рекет”. Само две беа пуштени јавно.

По објавувањето на нелегално снимените разговори Зоран Милески минатата година беше повикан на информативен разговор во полициска станица каде што негирал дека тој  е објавувачот. Полицијата  го затвора случајот и заклучува дека нема докази за да гони по службена должност.