Press "Enter" to skip to content

ССНМ со осуда за непримерната комуникација на советничката на Заев со новинарите на ИРЛ

27.01.2021

Синдикатот на новинари и медиумски работници испрати реакција по непримерната комуникација на советничката на премиерот Заев за медиумски активности, Елена Митева, со новинарите од редакцијата на Истражувачката репортерска лабораторија.

ССНМ предупредува дека советниците на претседателот на Владата на РСМ како и сите други вработени или именувани лица во државната администрација треба да внимаваат во комуникацијата со новинарите и да имаат поголем праг на толеранција во однос на новинарската работа.

„ССНМ како непримерна ја оценува комуникацијата на Елена Митева, советничка на премиерот за медиумски настани, со новинарката од ИРЛ Маја Јовановска, која сосема професионално си ја вршела својата работа, истражувајќи можен конфликт на интерес кај советничката Митева. Непримерната комуникација се случила откако ИРЛ објави текст со наслов „Дење во владиниот пиар, навечер во приватниот маркетинг“ во кој се запазени сите новинарски стандарди“, пишува во дописот до јавноста од ССМ.

Синдикатот потсетува дека советничката Митева доколку имала забелешки на објавениот текст на ИРЛ, таа на располагање имала неколку механизми за реакција како што се демант, исправка, реакција, жалба до Советот за етика во медиумите или до Советот на честа при ЗНМ – уставни, законски и саморегулаторни механизми, но таа сепак се определила за испраќање на СМС до новинарката со дисквалификации и навреди.

„Имајќи предвид дека поттикнала и непримерна комуникација на социјалните мрежи каде што нејзини блиски продолжиле непримерна јавна комуникација која придонела и други личности да се вклучат, ССНМ предупредува дека таквиот начин на комуникација е непримерен и може да се разбере како притисок врз слободата и правата на новинарите во извршување на нивната работа“, велат од ССНМ.

Оваа реакција на ССНМ доаѓа откако ИРЛ објави сторија за советничката на премиерот, Елена Митева, која била работно ангажирана од приватна маркетинг агенција, иако од 1 јануари таа во Владата е вработена со полно работно време. Митева испрати недолична порака до авторката на текстот, а со навредлив ФБ статус за редакцијата на ИРЛ се огласи и нејзиниот поранешен сопруг – актерот Висар Вишка.

Во линкот подолу прочитајте ја сторијата за Елена Митева и уредничкиот став на ИРЛ

Дење во владиниот пиар, навечер во приватниот маркетинг

Уреднички став: Непримерна смс комуникација на советничката на премиерот Елена Митева со новинарите на ИРЛ

Повеќе од АктуелноПовеќе теми во Актуелно »