Press "Enter" to skip to content

Се најде јаглен за ТЕЦ Осломеј или само една десетина од потребните ресурси за крпење на престојната зима

17.11.2021

Јаглен се нашол за ТЕЦ „Осломеј“, но не и за темелот на македонската енергетска инфраструктура РЕК „Битола“ чиишто капацитети чинат повеќе од две третини од вкупното домашно производство на струја. Јагленот набавен за ТЕЦ „Осломеј“ е само 10 проценти од потребните 1 милиони тони јаглен потребни за решавање на длабоката енергетска криза.

Известува: Бојан Стојановски

Електрани на Северна Македонија успеала да обезбеди јаглен за ТЕЦ „Осломеј“ во количини доволни за следните три до четири месеци. Како што објасни директорот на ЕСМ Васко Ковачевски, договорот се уште не е официјализиран, бидејќи денеска се одлучувало по добиените понуди, но потврдија дека најдобрата еваулирана понуда за набавка на 130,000 тони јаглен доаѓа од скопската компанија „Промет стеел холдинг“ од Скопје, Сарај.

ТЕЦ „Осломеј“ долго време не е во полна функција и работи интервентно. Оваа кризна сезона Електрани на Северна Македонија реши да го пушти во погон и овој капацитет бидејќи РЕК „Битола“ повеќе од пет години не работи во полн капацитет со сите три блока.

„Промет стеел холдинг“ е компанијата која треба да обезбеди 130 илјади тони јаглен за термоелектроцентралата „Осломеј“ во Кичево. Според достапните информации во Централниот регистер компанијата е регистрирана во 2016 година со паричен влог од 1,3 милиони евра и примарна дејност за трговија со дрва, градежен материјал и санитарија. Станува збор за семејна фирма на Алиу, односно Садете Алиу, Валон Алиу и Абедин Алиу. Оваа компанија има регистрирано и неколку подружници, меѓу кои и ресторанот „Актива“. Извори во владата на ИРЛ кои сакаа да останат анонимни велат дека оваа компанија и претходно имала обиди да набави јаглен за дел од македонските скромни капацитети, но имала проблеми и со навремена испорака и со квалитет.

Лигнитот ќе се носи од рудник близу Берово и од Косово. Преку ТЕЦ „Осломеј“, државата има план делумно да се справи со енергетската криза и да обезбеди струја за бизнисот. Крајно опасниот јаглен за животната средина е „џокерот“ со кој Електрани на Северна Македонија треба да го амортизира „ударот“ од драстичното поскапување на цената на електричната енергија на берзите и на стопанството да му понуди поефтина струја која би требало да го амортизира очекуваниот ценовен шок и нови поскапувања на цените на услугите и производите за граѓаните.

Тендерот за набавка на јаглен за РЕК „Битола“ еднаш пропадна. На вториот повик се појавија девет фирми и тоа два домашни рудници и 7 компании од Косово, Албанија, БиХ и Турција. Ниту една не е од Грција, земјата од каде што транспортот е наједноставен и најисплатлив. ЕСМ очекува следната недела да има конечни резултати од евалуацијата на понудите, како и дали воопшто пријавените компании ќе успеат да обезбедат 900 илјади тони јаглен, количина чијшто транспорт е сериозен предизвик.

Доколку Македонија не успее да набави јаглен, ќе биде приморана да увезува дури и до пет пати поскапа струја. Тоа драматично ќе влијае на и онака зголемените цени во секој сегмент на општеството: од домаќинствата па се’ до до малите, средните и крупните бизниси кои веќе купуваат струја до четири пати поскапа од лани. Тоа е и причината за дел од зголемените малопродажни цени на храната, покрај трговските компликации кои ги создаде пандемијата.

Критичната и експертска јавност најде забелешки на енергетската политика пред кризата, а дел од критиките се однесуваа на доцните набавки за јаглен.

Преку анализа на јавно достапните податоци и серија интервјуа со експерти и лица во институциите, ИРЛ открива дека клучните луѓе знаеле за енергетската криза која што следува, но никој не кажал ништо затоа што локалните избори биле поважни од проблемот. Знаела и опозицијата, но и нивниот фокус е во изборниот перформанс.

Наскоро на ИРЛ: Со децениски спонзориран политички аматеризам до енергетската катастрофа

Македонија денеска е сведена на сопствено производство од речиси нула мегавати струја. Не спасуваат фирми увозници кои се во постапка на одземање лиценци и фирми кои и во минатата влада на Груевски печалеа од увозот на струја по високи цени најчесто договарани во четири очи без тендер. ИРЛ открива како клучните политички чинители или не инвестирале или ги промашиле скромните инвестиции во енергетиката кои што државата ја доведеле до денешното дереџе. Од 1970 до 1990 во Македонија се направени 1,700 МВ енергетски капацитети. Во следните 30 години, администрациите водени од ВМРО ДПМНЕ, СДСМ, ПДП, ДУИ успеале да создадат само 160 МВ нови капацитети.

Продолжува…

Повеќе од Насловна левоПовеќе теми во Насловна лево »