Press "Enter" to skip to content

Руската полиција изврши претрес во домот на истражувачкиот новинар Роман Анин

13.04.2021

Федералната служба за безбедност на Русија (ФСБ) изврши претрес на станот во Москва на Роман Анин, главниот уредник на IStories. Офицерите заплениле телефони и документи во станот на новинарот кој го истражува Кремљ.

Рускaта полиција во петокот изврши претрес во станот на новинарот Роман Анин во Москва запленувајќи телефони и друга електронска опрема и документи. Анин, основачот на iStories и еден од водечките руски репортери кој работеше на истрагите за документите од Панама, потоа бил однесен во полициска станица на распит.

Адвокатот на Анин изјави дека претресот се должи на наводно кршење на рускиот Кривичен законик поврзан со „неповредливоста на приватниот живот“.

Ова значи дека претресот може да биде поврзан со сторија од 2016 година која Анин ја објавил во рускиот весник, Новаја Газета.  Таа приказна се однесуваше на Игор Сечин, поранешен вицепремиер и сегашен шеф на нафтениот државен гигант „Роснефт“.Во сторијата Анин напиша дека сопругата на Сечин користела супер-јахта чија вредност се проценува на повеќе од 100 милиони долари.

Сечин го тужеше весникот Новаја Газета, тврдејќи дека приказната наштетила на неговата репутација. Тој го доби случајот, принудувајќи го весникот да објави демант.

Анин и неговите колеги не знаеја дека има отворено кривично дело против него за наводни повреди на приватноста, очигледно поврзани со тужба поднесена од сопругата на Сечин. Ова е сериозно обвинение што може да носи казна затвор до четири години. На адвокатот на Анин му беше кажано дека случајот е отворен во 2016 година и повторно е ре-отворен годинава на 24 март, помалку од две недели откако Анин објави истрага за врските на шефот на ФСБ со криминалното подземје.

Издавачот на OCCRP Дру Саливан изјави дека нема основа за кривична постапка против Анин.

„Ова е уште еден чекор во тековниот притисок врз властите на преостанатите независни медиуми во Русија“, рече тој. „Роман е навистина независен глас, кој им служи на луѓето во Русија.”

Анин е еден од најдобрите новинари во светот и водеше бројни револуционерни истраги за организиран криминал и корупција во Русија. Минатата година тој го основаше IStories, членкa на OCCRP, кој брзо стана еден од водечките истражувачки медиуми во земјата. iStories објави мејлови испратени и примени од поранешниот зет на Путин, изложувајќи го богатиот начин на живот што го уживала една од ќерките на Путин. Минатиот месец, iStories објави статија во која се тврди дека има врски помеѓу висок командант на ФСБ и криминалното подземје.

Анин беше соработник на Најт во 2019 година на Универзитетот Станфорд и ја освои минатогодишната награда ICFJ Knight Trailblazer.