Press "Enter" to skip to content

Роднините на починати ковид пациенти во „Жан Митрев“ даваат искази во обвинителството

25.08.2022

Во јавното обвинителство десетина семејства досега дадоа искази пред обвинителката која отвори истрага против доктор Жан Митрев за „Измама на пациенти“. Специјална комисија на Министерството за здравство се уште ги анализира досиејата на 560 пациенти врз кои во приватната клиника е изведена методата хемофилтрација. Пасошот на Митрев му е одземен поради опасност од бегство, но тој и натаму лекува пациенти, а неговата клиника се рекламира во многу медиуми.  

Роднини на починатите ковид пациенти во приватната болница „Жан Митрев“ се повикуваат во скопското Јавно обвинителство да дадат исказ за начинот на нивно лекување. Од понеделникот досега десетина семејства пред обвинителката која го води случајот, Искра Хаџи Василева, раскажаа за третманот на нивните најблиски додека биле хоспитализирани во „Жан Митрев“. 

Обвинителството еден ден по емитувањето на документарниот филм на ИРЛ „Нечиста крв“, на 18 јули, оформи предмет по допрен глас за да го испита начинот на лекување на пациентите во клиничката болница во периодот на корона пандемијата од 2020 до 2022 година. 

На 12 август обвинителството отвори истрага во која сопственикот на болницата доктор Жан Митрев е осомничен за Измама на пациенти. Судот му го одзеде пасошот како мерка на претпазливост поради опасност од бегство. 

„Осомничениот, во периодот од април 2020 година до 2022 година, со намера за правно лице – приватна здравствена установа да прибави противправна имотна корист, со лажно прикажување факти, ги довел во заблуда пациентите лекувани од КОВИД 19 со методот на хемофилтрација“, соопштија од Јавното обвинителство.

Во обвинителството денеска беше повикана Мелита Брезева од Велес, чиј сопруг Никола Брезев, почина во приватната клиника од пост-ковид компликации. Семејството Брезеви во истражувањето на ИРЛ сподели вознемирувачки детали од лекувањето на Никола Брезев, негрижа на медицинскиот персонал и криење на болнички бактерии кои се сомневаат дека биле пресудни за неговиот смртен исход. 

„Бев повикана да дадам исказ во обвинителството за истрагата која што ја отвори по допрен глас за измама на пациенти. Раскажав за сите детали од лекувањето на мојот сопруг, а со себе ја носев и целата медицинска документација“, изјави Брезева откако даде исказ во улога на сведок-оштетен.

Мелита Брезева уште лани на 27 октомври поднесе кривична пријава до истото обвинителство, сомневајќи се во лекарската етика во клиниката „Жан Митрев“, но нема никаков одговор дали пријавата е прифатена. Истрагата за приватната кривична пријава ја води друг обвинител.  

Брезева е повикана дури денес, откако јавно во истражувањето на ИРЛ „Нечиста крв“ ги сподели деталите од 55 дневната битка за животот на нејзиниот сопруг кој во болницата „Жан Митрев“ успеал да го победи корона вирусот, но не и инфекциите. 

Освен семејството Брезеви, на 12 – ти април годинава, до обвинителството адресирана е уште една кривична пријава за клиничката болница „Жан Митрев“ од роднини на пациенти од Косово кои бараат да се испитаат сомнежите за пропусти во лекувањето. Ниту за оваа пријава, обвинителството се уште нема одлука. 

Обвинителството засега го гони Жан Митрев единствено за Измама на пациенти. Третманот хемофилтрација се уште е предмет на анализа на здравствените институции кои треба да потврдат дали сопственикот спроведувал врз ковид пациентите експериментална метода на лекување. Министерот за здравство Беким Сали формираше посебна стручна комисија чии членови ги анализираат досиејата на сите пациенти врз кои бил изведен методот хемофилтрација. 

„Стручната комисија формирана од министерот Беким Сали интензивно работи на разгледување  на обемната документација од Клиниката „Жан Митрев“, како и за наодите од направените надзори од ДСЗИ, МАЛМЕД, Лекарската комора  и Комисијата за интрахоспитални инфекции.  Надзорот е се уште во тек и по негово завршување, Комисијата ќе даде финално објаснување за наодите од стручниот надзор и за законски преземените мерки.“, велат за ИРЛ од Министерството за здравство.

Станува збор за 560 пациенти чии здравствени досиеја ги разгледува специјалната комисија на Министерството за здравство.

ИРЛ во документарниот филм „Нечиста крв“ обелодени сведоштва на семејства на КОВИД пациенти врз кои била применувана методата хемофилтрација (филтрација на крвта) без да знаат дека се предмет на клиничко испитување. Хемофилтрацијата, доктор Митрев, ја рекламираше како единствен спас за лекување од корона вирусот, а услов за лекување на пациентите беше авансно да уплатат 12.000 евра за да бидат хоспитализирани во клиниката. Клиничките студии кои се вршеле во болницата не се пријавени во државната Агенција за лекови – МАЛМЕД.  

ИРЛ во сторијата откри и дека болницата на доктор Жан Митрев за време на пандемијата, не пријавила ниту една интрахоспитална инфекција во Центарот за јавно здравје иако била законски обврзана да го стори тоа. Семеjствата на пациенти кои се лекувале велат дека во болницата имало многу интрахоспитални инфекции кои биле кобни по животите на нивните најблиски. И во самите студии објавени од клиниката „Жан Митрев“ се наведува дека имало присуство на опасни бактерии кај поголем дел од пациентите.

По документарниот филм „Нечиста крв“ голем број граѓани секојдневно носат преставки до Лекарската комора со барање за ревизија на КОВИД лекувањето во болницата Жан Митрев, но и за други приватни и државни клиники. 

ИРЛ испрати прашања до Лекарската комора колку семејства на починати доставиле претставки до нив, но оттаму не добивме одговори. 

Погледнете го документарниот филм „Нечиста крв“ кој се емитуваше на 17 јули на МРТВ.

 

WordPress Lightbox Plugin