Press "Enter" to skip to content

Обвинителството поднесе обвинение против Мевлудин Алити, инвеститорот на кафулето кај Мавровка

28.01.2021

Мевлудин Алити кој се товари за бесправно градење, додека траеше истрагата за неговиот случај почна да го обновува срушениот објкет. Овој пат, општината Чаир вели дека објектот не е дивоградба, затоа што инвеститорот имал законско право да го обнови објектот со лесна метална конструкција.

 

Основното јавно обвинителство денеска поднесе обвинение за Мевлудин Алити, инвеститорот кој на местото на изгореното кафуле „Фонтана“ на платото на трговскиот центар „Мавровка“ градеше објект од бетонска конструкција. Алити се товари за „Бесправно градење“.

„Обвинетиот М.А., во текот на јуни и јули 2020 година, во својство на инвеститор, градел објект со површина од 330 м2 на платото пред трговскиот центар „Мавровка“, а притоа немал одобрение за градба издадено од надлежен орган“, пишува во соопштението на Обвинителството.

Обвинителот надлежен за овој предмет, му предложил Кривичниот суд да ги продолжи мерките за претпазливост кои на Алити му беа изречени кога започна истрагата  со цел да се обезбеди неговото присуство во текот на постапката.​​

Пет месеци истрага и нов објект

Истрагата за овој предмет траеше речиси пет месеци, а во меѓувреме Алити почна од почеток да го гради објектот. Овој пат, темелите се од метална конструкција, а општината вели дека Алити според закон има право, стариот објект кој изгоре во пожар да го обнови со лесна конструкција (метална конструкција) .

Алити за ИРЛ вели дека сите знаеле што градел и дека ги имал сите потребни документи за изградба.

„Претрпев голема штета од тоа што ми го урнаа објектот. И овој пат го градам истиот објект, само со метална конструкција. Не сакам ништо друго да коментирам, ќе оставам  судот да одлучи кој погрешил во овој случај’“, изјави Алити.

Со месеци додека објектот се градеше, градоначалникот на Чаир Висар Ганиу убедуваше дека на локацијата само се обновува кафулето кое неколку месеци претходно изгоре.

Потоа институциите со месеци не можеа да го најдат инвеститорот на објектот. Иако Општината Чаир ги имаше сите документи и проекти за изградба на објектот, инвеститорот го бараше преку Службен весник.

Институционалниот дебакл продолжи кога Општината Чаир распиша тендер за да го урне објектот, но ниту една фирма не се пријави за да ја изврши работата.

По ова, дивоградбта кај Мавровка стана „национален приоритет“ и симбол за решеноста на новата влада да се бори против криминалот.

Рушењето на објектот го најави лично премиерот Зоран Заев, а најави и насоки до Општина Чаир кои беа донесени на првата седница на новата влада која на власт дојде во јули 2020 година.

„Владата донесе одлука да му препорача на Управниот одбор на Јавно претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта да донесе одлука за ангажирање на потребната механизација, средства за работа и вработени, за уривање и демонтирање на бесправно изграден градежен објект што се наоѓа пред ТЦ ‘Мавровка’, без надоместок кон Општина Чаир, односно од сопствени средства“, напиша премиерот Зоран Заев на фејсбук.

Истражната постапка за Алити, обивнителството ја отвори само неколку часа откако багерите на Македонија пат, по препорака на Владата почнаа да ја уриваат дивоградбата која неколку месеци се градеше.

Погледнете ја сторијата на ИРЛ за мистериозниот инвеститор:

Неверојатната потрага по Мевлудин Алити