Press "Enter" to skip to content

Можат ли повеќе и подобро: Со кои сили новата влада ќе се бори против корупцијата

20.08.2020

ИРЛ ги анализира старо-новите предизвици во борбата со корупцијата и организираниот криминал коишто се дел од клучните стратешки приоритети за земјите на Западен Балкан одредени во документите на домашните и европските институции. Борбата против корупцијата ја донесе владата на СДСМ на власт во 2016 година. Крајот на нивниот мандат заврши речиси трагично и доведе до затворање на СЈО. Предизвикот останува, а дополнително Македонија ќе ги отвара и поглавјата 23 и 24 кои се клучни за реформирање на правосудниот систем и ресторирање на принципите на владеење на правото. 

Пишуваат: Маја Јовановска и Александра Денковска Гоцевска

Илустрации: Лука Блажев

Дополнително известување: Дајана Лазаревска

Уште во 2017 година, кога СДСМ со Зоран Заев формираше влада во коалиција со ДУИ, борбата со корупцијата ја постави високо и во партиската, така и во владината агенда. Но, наместо одлучна, борбата се претвори во јалова битка со корупцијата и непотизмот. Проблемот беше и во редовите на владејачките партии, но и веќе корумпираниот и девастиран систем наследен од претходната влада. Две години немаше ни Aнтикорупциска комисија за да ги разгледа можните судири на интереси во вработувањата на родини, пријатели и сопружници. Или, пак, аферите за непотизам и можна корупција во случаите на доделувањето поголеми државни зделки, проблематичниот тендер за реагенси во Министерството за здравство, тендерите на вицепремерот Кочо Анѓушев и бројните контроверзни вработувања во јавната администрација на локално и национално ниво.Уште потешко одеше расчистувањето со претходната власт и бројните случаи на СЈО за висока корупција. Пропаста на СЈО како институција дополнително ја зголеми недовербата на граѓаните во институциите.

Во август минатата година, владата формираше уште едно тело кое го нарече Оперативен тим за борба против корупцијата, на чие чело беше поранешниот премиер и министер за внатрешни работи Оливер Спасовски. Иако од Владата соопштија дека со одлуката да се формира вакво тело, власта покажува дека борбата против криминалот и корупцијата останува нивна стратешка определба, досега јавноста не слушна ништо за операциите и резултатите на овој оперативен тим.

Со формирањето на новата влада и со воведување на новата функција вицепремиер за борба со корупција, човечки ресурси и одржлив развој, СДСМ повторно прави обид да ги увери граѓаните дека ќе се бори со корупцијата. Оваа нова функција му припадна на Љупчо Николовски – висок партиски функционер во СДСМ.

Во ниту една влада досега немаше функција вицепремиер за борба против корупцијата, човечки ресурси и одржлив развој. Николовски важи за еден од луѓето од најголема доверба на Заев.

Мандатарот Заев  во изјава за ИРЛ вели дека со новата функција праќаат порака дека оваа влада е решена да ја искорени корупцијата, меѓутоа нивната улога како власт ќе се фокусира на креирање амбиент во коишто клучните независни интитуции ќе можат да ја извршуваат својата работа ефикасно.

„Најодговорни за борба против криминал и корупција се Јавното обвинителство, судовите, Антикорупциската комисија, МВР, УЈП, Финансиската полиција, Агенцијата за финансиско разузнавање и други инспекторати. А, владата преку потпретседателот ќе ги координира институциите кои се под извршната власт. Обвинителстото, судовите, Антикорупциската комисија и другите независни тела си работат самостојно. Но, со овој чекор за именување на вицепремиер за борба против корупција, одржлив развој и човечки ресурси испраќаме порака, но и обврска за решителност да го искорениме тоа зло“, рече Заев за ИРЛ.

За коментар и дообјаснување го побаравме и лично Љупчо Николовски, но тој не одговори на телефонските повици и пораки на ИРЛ. Напиша само статус на Фејсбук.

„Победија исправните и принципиелни политики кои влечат напред. Пред нас се четири години реформи во кои ќе гледаме како земјата ни се трансформира кон подобро! Ќе работиме уште повеќе, за да биде уште подобро за сите“.

Случајот Мавровка – прв приоритет на Владата

Политикологот Миша Поповиќ вели дека вака како што е именувана новата вицепремиерска функција остава впечаток дека нема да биде само борба против корупција, туку ќе има и некоја развојна цел, но се уште е рано да се нагаѓа како ќе фунцкионира.

„Борбата против корупцијата е голем предизвик. Во минатата влада немаше консензус за ова, ниту во рамките на партиите, ниту пак помеѓу партиите. Некои посветено работеа, а некои одеа дури и во обратна насока. Нашето трпение за резултати во овој мандат мора да биде пократко. Сто дена се премногу за ние да видиме некакви резултати и да видиме дали овој состав на владата ќе има консензус да се бори против корупцијата. Оваа влада има можност многу брзо да покаже дали е сериозна во оваа борба. Прв случај што треба да се реши е дивоградбата кај Мавровка. Без тоа одма може да заклучиме дека нема сериозен пристап во борбата со корупција и организираниот криминал“, вели за ИРЛ Миша Поповиќ.

Директорот на невладината „Демокраси лаб“, Сефер Селими, не очекува дека вицепремиерската функција на Николовски ќе придонесе за сузбивање на корупцијата. За резултати, вели тој, потребно е да има политичка волја.

„Ова ќе биде тежок мандат за владата, ќе имаат многу предизвици со кои ќе се соочат. Колку ќе можат да се справат со нив, ќе видиме. Исто така, ниту кадрите во новава влада не се изненадување, за жал на нашата политичка сцена нема доволно простор за пробивање на нови професионални кадри, затоа што се’ оди преку партија. За новата функција министер без ресор задолжен за борба со корупција, одржлив развој и човечки ресурси е само симболична и не очекувам да има некакво влијание. Ако има вистинска и искрена волја за борба против корупцијата има државни органи кои тоа можат да го прават ефективно и ефикасно“, ни изјави Сефер Селими.

Маричиќ му се заблагодари на Заев и вети правна држава

На местото на министерката за правда Рената Дескоска доаѓа Бојан Маричиќ досегашен посебен советник на претседателот на Владата за евроатлански интеграции. Маричиќ во политиката влезе во 2017 од невладиниот сектор, а отсега во негови раце ќе биде правосудството. Од него како министер ќе зависи дали ќе имаме квалитетно, транспарентно и инклузивно спроведување на реформите во правосудниот систем, со цел воспоставување на принципот на владеење на правото, враќање на довербата на граѓаните во судството и успешни евроинтеграции. Кога денеска го побаравме за изјава за да го прашаме кој е првиот приоритет како министер за правда, тој рече дека ќе мора да се консултира за изјавата. Не кажа со кого, а кус одговор прати дури по два часа.

„Му благодарам на мандатарот и претседателот на СДСМ и на Централниот одбор за довербата. Обезбедувањето правна држава е врвен приоритет на новата Влада. Ќе дадеме се од себе да ги исполниме очекувањата на граѓаните. Прочистувањето на судството, проверка на потеклото на имот, транспарентност и ефикасност во судските постапки, борба против корупцијата и систем кој им служи на граѓаните. Очекувам Собранието да ја избере предложената Влада. Повеќе информации во врска со ресорот ќе можам да дадам во следниот период“ – ни пиша Маричиќ во смс пораката.

Членови на Владата 2017-2020 кои не добија функција во новиот владин кабинет

ДУИ – чувар на парите

При поделбата на ресорите ДУИ доби шест места во владата. Артан Груби ја доби позицијата прв вицепремиер и министер за политички систем. И оваа функција за прв пат се воведува во извршната власт, а веќе ја има во Владата на Косово. Албанскиот коалиционен партнер ќе ја води дипломатијата на чело со Бујар Османи. Партијата на Ахмети си го задржа ресорот Министерство за економија каде останува досегашниот министер Крешник Бектеши. Ова министерство е надлежно за издавање на сите лиценци, концесии и дозволи за угостителството и туризмот, рударски проекти и експлоатација на природни суровини, складирање и трговија со нафтени деривати, брокерски услуги, внатрешна и надворешна трговија. СДСМ на ДУИ му го отстапи и ресорот финансии. На местото на Нина Ангеловска доаѓа Фатмир Бесими, кој во владата на Владо Бучковски и Никола Груевски беше на чело на неколку министерства – за економија, одбрана, а беше и вицепремиер за евроинтеграции.

Политичкиот аналитичар Петар Арсовски ја оценува новата владина коалиција како обид за стабилизација со доста млади и охрабрувачки кадри, што според него се добива впечаток дека СДСМ и ДУИ сфатиле нешто и ќе почнат да работат на подобрување на владеење на правото и борбата со корупцијата.

„Ова е влада на континуитет и не треба да им се остави простор од неколку месеци за да покажат некакви резултати. Не треба да се однесуваат како да се паднати од Марс, туку многу брзо да видиме некакви резултати. Не смеат да си дозволат, а и ние како јавност не смееме да им дозволиме да имаат меден месец од 100 дена“,  вели Арсовски.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, по изборот на неговите нови владини функционери рече дека владата ќе го продолжи патот кон европската интеграција и евроатланското партнерство и најави ветинг во политиката и судството и економскиот развој.

Македонија 19 министри, Словенија 16, Австрија 13

Со укинивањето на седумте министри без ресор, актуелната влада ќе има 19 министри и премиерот. ИРЛ направи споредба за бројот на министри кај нас со одредени држави од соседството, но и од земји членки на Европската Унија.

Словенија како членка на ЕУ со приближен број на жители како Македонија има влада која брои 16 министри. Премиерот Јанез Јанша има тројца заменици. Министерката  Хелена Јаклич е единствената министерка без ресор во владата и истата е надлежена за односите меѓу Словенија и словенечката национална заедница што живее во странство.

Кабинетот на премиерката на Финска Сана Марин брои 19 министерства со еден заменик премиер. Во владата на Финска од 2000 -та година нема министри без ресор.

Владата на Австрија со скоро 4 пати поголем број на жители од Македонија, околу 8.5 милиони, има вкупно 13 министри. Канцеларот Себастијан Курц има еден заменик и во владата нема министри без ресор.

За споредба од регионот, во Косово владата на Авдулах Хоти има четири заменици  од кои  еден  од нив носи титула прв заменик, функција која сега се воведе и кај нас и која ја доби Артан Групи од ДУИ. Двајца од замениците се без ресор, а еден е министер за администрација и локална самоуправа. Владата на Косово брои вкупно 16 министерства .

Во владата на Албанија има 14 министри.  Премиерот Еди Рама има еден заменик премиер,  а во 2019 година Рама стана и министер за Европа и надворешни работи на земјата.