Press "Enter" to skip to content

Членуваш во партија и сакаш втора работа во време на пандемија? Државните компании Ве очекуваат

02.04.2021

Пандемијата предизвика многу млади луѓе да ја загубат својата работа или воопшто и да не можат да влезат на пазарот на труд. Но, ако сте член на партија, не грижете се за својата иднина. Некои млади најдоа и втора работа и тоа во една од трите најмоќни државни компании.

Известува: Лила Караташева; Илустрација: Лука Блажев

Во земјите во развој како Македонија, на младите им е уште потешко да најдат работа. За 28 годишниот Перпарим Бајрами, пандемијата не беше пречка да најде и дополнителен ангажман. За тоа се погрижи партискиот апарат.

Бајрами студирал деловна информатика, но работното искуство го започнува во полето на маркетингот. Правел летоци и брошури, а работел и на „следење на мислењето на јавноста и медиумите“. На 24 години, во 2018 година, ја добива првата постојана работа – станува политички советник во Парламентот. Таму работи и неговата сестра како шефица на кабинетот на Претседателот на Собранието Талат Џафери. Фотографиите на неговите социјални мрежи покажуваат нескриен восхит кон претседателот на ДУИ Али Ахмети и вицепремиерот Артан Груби.

Перперим Бајрами со пофален пост за својот шеф Арган Груби

Минатата година во ноември тој ќе ја промени работата. Истата ќе остане надвор од радарот на јавноста, се’ додека во медумите не одекне веста дека „лицето Перпарим Бајрами, актуелен шеф на кабинетот на Артан Груби е еден од 32 лица фатен во рутинска контрола на МВР како со нелегално поставени сигнални светла (флешери) на автомобилот се обидувал да не плати патарина“.

Унапредувањето на Перпарим Бајрами ќе дојде со бонус ангажман: На 14 декември 2020 Бајрами ќе стане член на Управниот одбор на Државната лотарија на Македонија и нејзин потпретседател.

Перперим Бајрами

Сите членови на Надзорниот одбор на Лотарија гласале за Перпарим Бајрами да биде избран во Управниот одбор. Немало дебата, ниту двоумење за неговиот ангажман. Ова го покажуваат записниците кои ИРЛ ги доби од Лотарија согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.

„Гласањето на седницата е само последниот чин. Претходно се проверуваат нивните биографии, квалификации и способности за вршење на работата, а на седницата само се гласа“, одговорија за ИРЛ од Државната лотарија. 

Назначувањето на Бајрами само ја продолжи традицијата на начинот на кој се бира раководството во оваа државна институција. Тие што гласале за него, се избрани на ист начин.

Во „клубот на среќните“ изминатите години влегоа Петар Поцков, внук на градоначалникот на Гевгелија и зет за ќерка на поранешната обвинителка Катица Јанева. Поцков беше избран за член на Управен одбор токму во време кога Јанева беше на чело на СЈО. Како предлог на Владата во Лотарија влезе и земјоделскиот инженер од Кавадарци Александар Димитријоски. Во неговата биографија нема никакво претходно искуство што би го квалификувало за оваа позиција, освен  блискоста со владејачката СДСМ, која според македонски мерит стандарди е пресудна. Во врвот на Лотарија свое место си обезбеди и Ѓорѓи Дамјановски, сопруг на поранешната главна уредничка на Канал 5, Маја Дамјановска, и во 2017 година доби мандат од четири години во Управниот одбор.

Владата не ги дава материјалите од седницата на кадровската комисија

Записниците од седниците на Државна Лотарија кога се бираат членовите на управните органи покажуваат дека начинот на избор е ист: Списокот на Членовите на Надзорниот одбор во Лотарија доаѓа од Владата, а тие пак, ги бираат членовите на Управниот одбор. На седниците нема спортивставени мислења и никој не гласа против никого. Сите покорно „креваат рака“ кога има предлог за именување на нов член.

Последниот абер од Владата бил пратен во декември минатата година, кога на седница е именуван извесен Скендер Мехмети за нов член во Надзорниот одбор. Не само што влегол во Државна лотарија, туку веднаш бил назначен и за претседател на Надзорниот одбор. Во неговата биографија пишува дека тој работи како адвокат, а претходно бил консултант на повеќе невладини организации и странски амбасади.

Кога од него побаравме одговор зошто тој бил најдобриот избор за Државната лотарија, Мехмети не упати прашањето да го поставиме до органот кој го избрал, односно Владата.

Мистериозната работа на кадровскиот владин претседател Љупчо Николовски

Комисијата за именување, чиј што претседател е вицепремиерот Љупчо Николовски, е првиот филтер низ кој треба да поминат предложените кадри кои ги раководат државните институции. Согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер од Владата ги побаравме записниците од Комисијата за именување, со цел јавноста да знае дали Скендер Мехмети за член на Надзорен одбор на Државна лотарија бил предлог на Комисијата или пак, го предложил директно функционер во Владата. Но, наместо бараниот документ добивме насока да го погледнеме записникот од седница на Владата на која е именуван Мехмети и во кој нема никакво објаснување.

Скендер Мехмети првиот потпис по назначувањето како претседател на Надзорниот одбор го ставил на документот за избор на Перпарим Бајрами за член на Управен одбор. Тие двајца добија мандат од четири години во раководството на Државна лотарија.

Среќните добитници одат во Државна лотарија

Владата е основач на 26 од вкупно 142 државни претпријатија во државава. Едно од нив е и Државната лотарија. Оваа компанија заедно со Телеком, МЕПСО, ЕСМ спаѓаат во групата на т.н. златни кокошки на државата.

Акционерско друштво за приредување игри на среќа Државна лотарија се наоѓа на трето место од листата на државни фирми со најголеми добивки. Има и зошто. Оваа компанија пред 6 години влезе во бизнис авантура која што се покажа финансиски високо доходовна и политички атрактивна. Заедно со партнерите од Австриското казино и со непознати инвеститори од оф шор дестинациите, оваа компанија основа заедничко друштво за приредување онлајн игри на среќа. И не само тоа, Државната видео лотарија поседувана од Државната лотарија и заедничката фирма на инвеститорите од земјите даночни прибежишта, ќе влезе и во казино бизнисот, па нивните покер апарати денеска може да се видат во секоја спортска обложувалница. Тие се на листата на 17 најуспешни деловни компании во Македонија.

Приходите на Државната лотарија вртоглаво растот по влезот во јавното приватно партнерство со Видео лотаријата. Овие кадри избрани без огласи и без натпревар, можат сериозно да влијаат врз одлуките и работењето на компаниите со добивки во дестици милиони.

За тоа дали добро си ја вршат работата или не, одлучува Надзорниот одбор. Заедно со Управниот, ова тело е високо во организациската шема на претпријатието, веднаш после Владата која како основач го претставува и Собранието на акционери, или индиректно, ги претставува граѓаните кои што се крајниот сопственик на државните фирми. Но, според Статутот на компанијата, Надзорниот одбор има важни инструменти на располагање, како на пример, можноста да направи ревизија на работењето на Управниот одбор. Затоа и Статутот определил дека главната цел на постоењето на Надзорен одбор е да обезбеди беспрекорно материјално и финансиско работење.

Во моментов, на работата на Перперим Бајрами и останатите членови на Управниот одбор надзор треба да вршат лица како Александар Кевин Димитриојоски, член на СДСМ и експерт за храна и вино.

Како Александар „Кевин“ Димитријоски стана член на Надзорен одбор на Државна лотарија

 

Членовите на Управниот и Надзорниот одбор на Државна лотарија не земаат голем хонорар, односно од 10 до 12 илјади денари месечно. Се состануваат онлајн или најмногу еднаш месечно. Носат одлуки во име на една од ретките профитабилни државни претпријатија.

Сакавме да откриеме повеќе за одговорностите на овие лица. Упативме прашања до повеќе акционерски друштва во приватна сопственост, како прашањето дали е важно кои се кфалификациите на луѓето во Надзорниот одбор кои би им овозможиле да вршат надзор и дали за нивните компании овие прашања се важни или не.

Приватните акционерски друштва со високи критериуми за избор

Одговор добивме само од фармацевтската компанија „АД Реплек“. Александар Томовски смета дека не треба ни да се прашува дали е важно кој членува во Управен или во Надзорен одбор. Според нивната политика, секој предлагач пред сите акционери мора да го елаборира многу добро својот избор и да докаже дека овие луѓе се стручни ако се земе во предвид какви се одговорностите кои што ги имаат.

„Затоа се бираат луѓе кои навистина ќе работат во интерес на друштвото и правата на останатите акционери. При одлучување за избор на членови во било кој одбор, на прво место е квалитетот на членовите, нивните професионални искуства и етаблираност во општеството како докажани професионалци. Сигурен сум дека во ниту едно АД, освен овие критериуми не постојат други кои би преовладувале при изборот на членови за одборите“, велат од „Реплек“.

Во државните компании, од кои што најголем дел работат со загуби, сите релевантни информации и долгогодишни укажувања од експертската јавност, укажуваат дека таму квалитетот не е поважен од партиската или роднинска подобност. Сефер Селими, директорот на невладината организација „Демокраси лаб“, вели дека раководните функции во јавните претпријатија секогаш се партиски членови и тие се злоупотребуваат за задоволување на партиските интереси.

„Тие служат како алатка за клиентелизам. Во приватниот сектор ситуацијата е обратна. Тие секогаш се стремат да ги најдат најдобрите и најспособните“, вели Селими.

Постапката за селекција на членовите на Управните и на Надзорните одбори на претпријатијата во државна сопственост не е регулирана со закон. Владата и општините, како основачи, не објавуваат огласи за избор на членови во раководните органи на државните претпријатија, не вршат проверка на квалификуваноста на потенцијалните кандидати, ниту, пак, ги интервјуираат.

„Отсуството на јасна и транспарентна постапка за селекција на членовите на раководните органи во државните претпријатија отвора голем простор за волунтаризам, политичко влијание и поставување несоодветни лица на раководни функции во претпријатија чии годишни приходи изнесуваат 800 милиони евра“, пишува невладината Центар за граѓански комуникации во анализата „Право или политика: Изборот на членови на Управните и на Надзорните одбори во државните претпријатија“.

Повикот за именување секогаш доаѓа од партија

Наместо стручњаци во областа на работењето на јавното претпријатие, во Управните одбори, и тоа на најголемите државни претпријатија, се именувани, раководител на бензинска пумпа, сопственик на златарски дуќан, професор по англиски јазик, политиколог, стоматолог, секретари на училиште, педагози, психолози, осигурителни брокери.

Поранешни членови во одборите на Државна лотарија велат дека ниту аплицирале за позиција, ниту пак знаеле дека ќе бидат избрани.

Двајца членови на одборите на оваа државна компанија за ИРЛ велат дека одлуката да бидат ставени во овие одбори ја добиле од партијата. Двајцата се од различни партии, едниот од партијата која претходно беше на власт, вториот од актуелната партија на власт.

„Еден ден само ми се јавија од партија и ми кажаа дека одлучиле јас да бидам во одборот на Државна лотарија на Македонија“, велат двајцата поранешени членови за ИРЛ.

Друг член од составот на одборите кој што го предлагала поранешната власт, раскажа идентична приказна, додавајќи дека ако во Управниот одбор интересите се повисоки, Надзорниот „се смета како награда за лојалните тркачи во партија, со цел да заработат некаков дополнителен приход”.

Досегашната пракса докажа дека џокер за влез во Управен и Надзорен одбор во државна компанија е блискоста со владејачка партија.

„Кај нас таквите функции во државни претпријатија се сметаат за партиски функции. Приватниот сектор повеќе внимава затоа што добива и губи свои пари, а не туѓи. Поради тоа приватниот сектор е многу подобар стопанственик од државниот“, вели политичкиот аналитичар Петар Арсовски. 

Лотарија е само илустрација за клиентализмот во државниот апарат. Пред година и пол владата го усвои Законот за висока раководна служба. Со него требаше да се гарантира целосна професионализација на раководните позиции во 130 институции. Но, наместо да се изгласа во Собранието, Законот повторно беше вратен на доработка во Владата.

Ако некогаш се усвои законот, државните секретари и дел од директорите, би се бирале по професионални, а на по партиски заслуги. Законот предвидува да се усложни изборот на високи раководители и процесот да биде потранспарентен.

ИРЛ се заложува за транспарентна уредувачка политика и секогаш, кога тоа е можно и не ги загрозува етичките норми или довербата на загрозените извори, ние го објаснуваме процесот во кој што ги работиме истражувањата и за истото ги споделуваме и главните документи на кои што се базираат нашите аргументи.

ДОКУМЕНТИ

ГОДИНА

2017

2018

2020

ЗАПИСНИЦИ

Записник од состанок на Надзорен одбор

Записник од состанок на Надзорен одбор

Записник од состанок на Надзорен одбор

ОДЛУКИ

ФИНАНСИСКИ ПЛАНОВИ И ИЗВЕШТАИ

Финансиски извештаи

Финансиски планови

Одговор од влада

 

Оваа сторија е подготвена во рамки на проектот „Набљудување за назначувања засновани на заслуги во високата раководна служба”, имплементиран од Институт за демократија „Социетас Цивилис“, финансиран од Владата на Обединето Кралство, со поддршка на Британската амбасада Скопје. Мислењата и ставовите наведени во оваа содржина не ги одразуваат секогаш мислењата и ставовите на Британската Влада.